Thursday, April 26, 2012

што гледаш во мојте очи?


Дали си ја погледнал вистински во очите? Ја погледна ли денес? Ја познаваш ли навистина? Или единствено си ја видел нејзината насмевка? Го познаваш силниот карактер, но ги познаваш ли очите? И без да ги познаваш, тврдиш дека сакаш вистински? Си бил ли до неа кога плачеше? Ги виде ли солзите за тебе? Можеш ли да ја познаваш, ако не ја видиш нејзината слаба страна?
          Ти можеби нема да го прифатиш, но знај едно - кога силната жена сака, сама паѓа во плен. На породената од таа љубов слабост, зошто ја дала силата на друг. И тоа е нејзиното проклетство. За пред другите, дури и пред тебе, таа може да е силната, коравата и независната, но пред себе таа е ранлива.
Ти знаеш ли, дека една жена како неа, може да е тажна поради тебе, но нема да го покаже тоа, ако не погледнеш во неа вистински. Надвор од твојот егоизан, надвор од невозможноста да ги покажеш чувствата, надвор од тебе, гледаш ли во неа? Разбираш ли?
Ти погледна ли вистински во нејзините очи, кога светат од солзи и немоќ? Тие солзи горат. Тие солзи течат сами од себе. Дури и усните да се смеат. Тие солзи не се покажуваат пред другите, зошто силата ги спречува, додека не остане сама. Дали си плачел и ти некогаш така?
Дали ги познаваш солзите од изгубената надеж и од безумието на љубовта? Си погледнал ли вистински во нејзините очи, кога плачат од немоќ?
Како таа би можела да сака некого вистински, кога никој не ги познава нејзините очи? Која никој не ја познава болката што ја носи? Ќе ја препознае само оној што плачел како неа...


Tuesday, April 17, 2012

сливата...


Имав само четири години, не знаев какво е значењето на тоа дрво ниту пак што плодови раѓа, но сепак го сакав, ми беше омилено од сите кои што дотогаш ги имав видено. Не бев ни самата свесна колку спомени денеска ќе ми поминат низ главата поминувајќи поред истото тоа дрво.
Беше слива.
Не од оние обичните сливи, туку раѓаше мали црвени сливи, преубави сливи со кој што се правевме лом јадејќи ги.
И се сеќавам – се сеќавам како да беше вчера првиот пат кога го здогледав меѓу седумте дрва околу него кои што раѓаа исти плодови, но ова не беше исто како нив. Беше најмало, со некој интересен облик каде што гранките му формираа некој вид на столче во средината на сите тие разцветани и само што не созреани плодови. Изгледаше како останатите повисоки дрва да го чуваат, со гранките надвиснати над него, најмалото и најкревкото од сите. На почетокот ми беше само убаво и интересно, но подоцна почнавме многу спомени да делиме и да станува дел од моето секојдневие…
Под таа слива, се случи мојот прв бакнеж, мојата прва љубов започна таму и заедно ја делевме љубовта кон дрвото.. беше нашето прибежиште и скривалиште од сите. Под таа слива исто така се случи мојата прва кавга со другар, со другарка… па и со него-мојата прва љубов. Под таа слива прв пат му раскинав на дечко и прв пат се смирив со истиот. Прв пат бев повредена и плачев качена на тоа дрво, додека со гранките ме гушкаше и тешеше со својте сочни плодови.
Качувајќи се по неговите гранки многу пати имав паднато, еднаш дури и главата си ја дупнав таму, но никогаш не го замразев.
Тоа беше “моето” место, таму бегав од светот во својте мисли, тоа беше мојот свет далеку од сите други светови. Таму бев тажна, се радував, се бакнував, се гушкав, ја запалив својата прва цигара на гранките на тоа дрво.. па и прв пат се начукав под истото. Да, да дами и господа се начукав и тоа сочно се начукав таму. И од тогаш секако не пијам вотка.
Прв пат дував таму, па се смеев.. се смеев до солзи заедно со цело тоа друштво од 15тина души што до тогаш беше неразделно и сите мислевме дека така ќе остане уште долго време. Се излажавме секако. Останавме оние четири – пет луѓе кој што ден денешен се собираме под истата слива да пиеме, пееме, правиме муабет, се караме, се смееме.. тоа “мое” место стана наше место, мое и на мојте најблиски и најсакани.
Денеска поминав поред сливата, нејзините гранки расцветани и едвај чекаат да созреат, а јас па како повторно да имам четири години едвај чекам да ги јадам сочните црвени сливи и да се правам лом со нив.
Се качив во своето гнездо во средишниот дел на гранките кои што ме гушкаат, се почувствував како она среќно мало дете кое што како мајмунче се пентареше по истите тие гранки.
И денес сфатив колку спомени делиме јас и сливата, преубави спомени кои ќе ми останат цел живот врежани во главата и со насмевка на лицето ќе се сеќавам на истите секој пат поминувајќи поред тоа дрво – сливата која ги чува сите мои тајни и спомени!

Thursday, April 12, 2012

за секогаш кога...


За секогаш кога пиевме пиво,

За секогаш кога игравме табла,

За секогаш кога шетавме по скопските улици,

За секогаш кога лежевме во тишината и така се разбиравме,

За секогаш кога заедно го пиевме утринското кафе,

За секогаш кога се гушкавме, мило се гушкавме,

За секогаш кога знаевме да си го разубавиме лошиот ден,

За секогаш кога ќе се ислушавме еден со друг,

За секогаш кога ненадејно ќе ме бацеше,

За секогаш кога чекав автобус со тебе, а и ти со мене,

За секогаш кога ќе се разбереме со еден поглед,

За секогаш кога ќе се насмееме на иста работа и само ние ќе знаеме за што се смееме,

За секогаш кога некој ќе те спомне или ќе те видам,

За секогаш кога слушавме VH1 и за песната од рекламата,

За секогаш кога ќе си ја направевме фацата која само ние си ја сфаќавме,

За секогаш кога.. уште безброј други работи коишто ги поминавме заедно и за кои засекогаш ќе ти бидам благодарна - благодарна за тоа што ме правеше среќна со сите овие ситници, кои никој освен ние нема да сфати колку ни значат и колку не исполнуваат.. И уште едно за секогаш кога ќе се сетам на сите овие работи и срцето ќе ми се исполни со љубов! :)

&& секако сето тоа мора да биде надополнето со песната на која што сеуште сама си се смешкам кога ќе ја слушнам, зашто те нема тебе да се насмееш со мене! :)



Wednesday, April 4, 2012

Би шетала...


Би шетала, далеку од се би шетала.. во преубавата природа која што се буди во моето омилено време. И да, само би шетала не би мислела на ништо, на никого. Би се радувала на пролетта, на сонцето, расцветаните дрвја, кои што со почетокот на пролетта и тие почнуваат нов живот.
Е да, тоа би сакала всушност, почеток.. некој нов почеток, далеку од сите вас мои најмили, но сепак со вас. Толку сум збунета што ете и не знам дали би сакала да бидам со некого околу мене или сама. Но сепак подобро сама. Би мислела на убавините околу мене, во мојот живот, на кои што некогаш и заборавам. Би се потсетила на сите тие убавини и колку тоа тие ми значат, колку им се радувам. Се радувам на сонцето, си играм со него, се радувам на детелините, барам детелина со четири листа и среќна сум кога ќе ја најдам, не поради среќата што наводно ја носи, туку поради среќата со која што сум исполнета во тој, за некои луѓе, небитен момент. Би направила венче од бели ради, како кога бев мала и би го носела, стварно би го носела. Би крадела цреши од кај комшијата во двор иако имам 2 дрва во мојот двор и не за да му ги изедам црешите, туку само за момент да се почувствувам како дете, среќното мало дете кое што немаше никакви проблеми, освен оној најголемиот – немање место на нозете за нова модрица, а да и кога не знаев каде да се скријам на жмурка понекогаш беше проблем. Тогаш мислев дека тоа се најголеми пролеми во светот, а сега си викам камо да беа..
А можеби и ништо од сето ова не би сторила, туку сепак само би шетала.. без никаква цел и поента, можеби и би се изгубила од причина што нема да знам каде сум упатена, дестинацијата ќе ми биде непозната.. ветрот ќе ме води и пеперутките заедно со него, тие ќе ми кажат каде да одам, каде да најдам малце мир далеку од сите.. на некое убаво место, природно со расцветани дрвја, со мирис на пролет. Би се насмевнала и би легнала на некоја ливада, би гледала во облаците и би барала форми, уште од мала ме радува тоа, би лутала со погледот изгубена низ бескрајното синило со часови би лежела на таа ливада и не би ми здодеало, без разлика на тоа што ќе сум сама. Тоа и ми е потребно сама, далеку од сите, на место каде што ни самата не можам да се пронајдам, а не па некој друг. И не, не би била исплашена.. само би била изгубена. Изгубена длабоко во мојте мисли, но не би пробувала да се извлечам од нив.. нека ја претопат мојата глава, нека нема место за нови бидејќи во тие моменти нема да мислам, туку ќе чувствувам.. ќе го чувствувам мирисот на пролетта, мирисот на природата што се буди, а и мене ме буди на некој начин, ќе го чувствувам сонцето кое што ме гали, ќе ја чувствувам убавината на животот, највише ќе ја чувствувам мојата љубов кон сите тие мали работи кој што ми го прават животот поубав, а на моменти ги заборавам!
Ќе се сетам на се и ќе си напоменам дека никогаш не треба да заборавам  на сите тие ситници што ме прават среќна, се што ми дава волја за живот и со сите тие среќни мисли би ги истуркала тажните од својата глава. Изгубена, но сепак повторно пронајдена себеси.. посреќната јас!

Sunday, April 1, 2012

ќе се љубиме пак...


Капките од тушот полека се слеваа по нејзиното тело, ја галеа нејзината мазна кожа.. кожа, која што беше насекаде одбележна од него, од неговите бакнежи и допири, како да се беше потпишал насекаде. Секое делче и враќаше спомени на некогашното време поминато заедно.. се створи една мала кнедла во нејзиното грло, насетуваше дека солзите ќе почнат да се слеваат на нејзиното лице, но како за чудо не се случи тоа.. таа се насмевна, се насмевна од се срце мислејќи на него, кнедлата од грлото исчезна, нејзиното срце скоро да се стопи од надојдената топлина со која што се исполни.
На момент помисли: “Го преболев, штом повеќе не плачам на помислата на него.”
Но не, и самата беше свесна дека е сеуште рано за тоа.. баш  напротив таа сеуште го сакаше со сета своја душа и со љубов се сеќаваше на убавите моменти поминати со него. Знаеше дека никој нема да ја љуби како што ја љубеше тој, така страсно, долго и бурно. Знаеше дека и тој сеуште ја сака со иста мера како што го сака она, но во овој момент престана да и биде криво што не се заедно, престана да моли да се врати тоа преубаво за двајцата време, престана да мисли на него како на некој што ја повредил, бидејќи тој во ниеден миг не го стори тоа.. не се повредија, не престанаа да се сакаат, едноставно се разидоа, не беше правото тоа време за нив.
Тушот продолжи да ја полева со врелата вода, а таа среќно и задоволно се смешкаше, со надеж во очите и во срцето дека некогаш ќе го најдат правото време да бидат заедно продолжи да се сеќава на нивното непрестано љубење. Таа нивна љубов која и двајцата се надеваа дека некогаш повторно ќе најде начин да ги спои.. и тогаш, тогаш ќе се љубат уште подиво и пострасно од било кога!