Wednesday, April 4, 2012

Би шетала...


Би шетала, далеку од се би шетала.. во преубавата природа која што се буди во моето омилено време. И да, само би шетала не би мислела на ништо, на никого. Би се радувала на пролетта, на сонцето, расцветаните дрвја, кои што со почетокот на пролетта и тие почнуваат нов живот.
Е да, тоа би сакала всушност, почеток.. некој нов почеток, далеку од сите вас мои најмили, но сепак со вас. Толку сум збунета што ете и не знам дали би сакала да бидам со некого околу мене или сама. Но сепак подобро сама. Би мислела на убавините околу мене, во мојот живот, на кои што некогаш и заборавам. Би се потсетила на сите тие убавини и колку тоа тие ми значат, колку им се радувам. Се радувам на сонцето, си играм со него, се радувам на детелините, барам детелина со четири листа и среќна сум кога ќе ја најдам, не поради среќата што наводно ја носи, туку поради среќата со која што сум исполнета во тој, за некои луѓе, небитен момент. Би направила венче од бели ради, како кога бев мала и би го носела, стварно би го носела. Би крадела цреши од кај комшијата во двор иако имам 2 дрва во мојот двор и не за да му ги изедам црешите, туку само за момент да се почувствувам како дете, среќното мало дете кое што немаше никакви проблеми, освен оној најголемиот – немање место на нозете за нова модрица, а да и кога не знаев каде да се скријам на жмурка понекогаш беше проблем. Тогаш мислев дека тоа се најголеми пролеми во светот, а сега си викам камо да беа..
А можеби и ништо од сето ова не би сторила, туку сепак само би шетала.. без никаква цел и поента, можеби и би се изгубила од причина што нема да знам каде сум упатена, дестинацијата ќе ми биде непозната.. ветрот ќе ме води и пеперутките заедно со него, тие ќе ми кажат каде да одам, каде да најдам малце мир далеку од сите.. на некое убаво место, природно со расцветани дрвја, со мирис на пролет. Би се насмевнала и би легнала на некоја ливада, би гледала во облаците и би барала форми, уште од мала ме радува тоа, би лутала со погледот изгубена низ бескрајното синило со часови би лежела на таа ливада и не би ми здодеало, без разлика на тоа што ќе сум сама. Тоа и ми е потребно сама, далеку од сите, на место каде што ни самата не можам да се пронајдам, а не па некој друг. И не, не би била исплашена.. само би била изгубена. Изгубена длабоко во мојте мисли, но не би пробувала да се извлечам од нив.. нека ја претопат мојата глава, нека нема место за нови бидејќи во тие моменти нема да мислам, туку ќе чувствувам.. ќе го чувствувам мирисот на пролетта, мирисот на природата што се буди, а и мене ме буди на некој начин, ќе го чувствувам сонцето кое што ме гали, ќе ја чувствувам убавината на животот, највише ќе ја чувствувам мојата љубов кон сите тие мали работи кој што ми го прават животот поубав, а на моменти ги заборавам!
Ќе се сетам на се и ќе си напоменам дека никогаш не треба да заборавам  на сите тие ситници што ме прават среќна, се што ми дава волја за живот и со сите тие среќни мисли би ги истуркала тажните од својата глава. Изгубена, но сепак повторно пронајдена себеси.. посреќната јас!

No comments:

Post a Comment