Tuesday, April 17, 2012

сливата...


Имав само четири години, не знаев какво е значењето на тоа дрво ниту пак што плодови раѓа, но сепак го сакав, ми беше омилено од сите кои што дотогаш ги имав видено. Не бев ни самата свесна колку спомени денеска ќе ми поминат низ главата поминувајќи поред истото тоа дрво.
Беше слива.
Не од оние обичните сливи, туку раѓаше мали црвени сливи, преубави сливи со кој што се правевме лом јадејќи ги.
И се сеќавам – се сеќавам како да беше вчера првиот пат кога го здогледав меѓу седумте дрва околу него кои што раѓаа исти плодови, но ова не беше исто како нив. Беше најмало, со некој интересен облик каде што гранките му формираа некој вид на столче во средината на сите тие разцветани и само што не созреани плодови. Изгледаше како останатите повисоки дрва да го чуваат, со гранките надвиснати над него, најмалото и најкревкото од сите. На почетокот ми беше само убаво и интересно, но подоцна почнавме многу спомени да делиме и да станува дел од моето секојдневие…
Под таа слива, се случи мојот прв бакнеж, мојата прва љубов започна таму и заедно ја делевме љубовта кон дрвото.. беше нашето прибежиште и скривалиште од сите. Под таа слива исто така се случи мојата прва кавга со другар, со другарка… па и со него-мојата прва љубов. Под таа слива прв пат му раскинав на дечко и прв пат се смирив со истиот. Прв пат бев повредена и плачев качена на тоа дрво, додека со гранките ме гушкаше и тешеше со својте сочни плодови.
Качувајќи се по неговите гранки многу пати имав паднато, еднаш дури и главата си ја дупнав таму, но никогаш не го замразев.
Тоа беше “моето” место, таму бегав од светот во својте мисли, тоа беше мојот свет далеку од сите други светови. Таму бев тажна, се радував, се бакнував, се гушкав, ја запалив својата прва цигара на гранките на тоа дрво.. па и прв пат се начукав под истото. Да, да дами и господа се начукав и тоа сочно се начукав таму. И од тогаш секако не пијам вотка.
Прв пат дував таму, па се смеев.. се смеев до солзи заедно со цело тоа друштво од 15тина души што до тогаш беше неразделно и сите мислевме дека така ќе остане уште долго време. Се излажавме секако. Останавме оние четири – пет луѓе кој што ден денешен се собираме под истата слива да пиеме, пееме, правиме муабет, се караме, се смееме.. тоа “мое” место стана наше место, мое и на мојте најблиски и најсакани.
Денеска поминав поред сливата, нејзините гранки расцветани и едвај чекаат да созреат, а јас па како повторно да имам четири години едвај чекам да ги јадам сочните црвени сливи и да се правам лом со нив.
Се качив во своето гнездо во средишниот дел на гранките кои што ме гушкаат, се почувствував како она среќно мало дете кое што како мајмунче се пентареше по истите тие гранки.
И денес сфатив колку спомени делиме јас и сливата, преубави спомени кои ќе ми останат цел живот врежани во главата и со насмевка на лицето ќе се сеќавам на истите секој пат поминувајќи поред тоа дрво – сливата која ги чува сите мои тајни и спомени!

No comments:

Post a Comment